Денот кога основците беа студенти

Ученици од четврто, осмо и деветто одделение од ООУ  „Кузман Јосифовски – Питу“  Скопје во вторникот на 08.11.2022 година организирано го посетија Природно – математичкиот факултет.  Желбата да се присуствува на предавања, на вежби и  експерименти им ја остварија професорите на институтите за физика, биологија, географија и хемија.

Колку што беше голем интересот на учениците да влезат во улога на студенти уште поголема беше ангажираноста на асистентите и професорите во презентирање на нивната наставна и научна дејност на факултетите.

За учениците беше возбудливо да слушаат настава во  амфитеатар, да гледаат под електронски микроскоп, да разберат како се создава хербариум, како дронот се употребува во научни цели, колку физиката и хемијата се интересни науки, науки преполни со експерименти.

За сето ова се погрижија  професорите Оливер Зајков, Методија Најдовски, Свемир Горин, Катерина Ребок и асистентите Сара, Арсе и Анита. Прекрасен пример на непосредни педагози и апсолутно најдобар научен кадар во нашата земја.

Средбата траеше три часа, но учениците сакаа да продолжат и следните денови. Интересот се одржа до крај и во секој институт има уште недокажани приказни за следење. Во амфитеатарот на институот за хемија следеа експерименти за огнот, возбудливо и бучно. Со прекрасни чувства го напуштија факултетот. Во своите клупи ќе ги препознаат експериментите на магнетизам, клетки, вулкански меури и хемиските реакции.

Посетате сигурно ќе остане долго во нивните сеќавања и можеби некој од нив навистина ќе биде студент на Природно – математичкиот факултет.