Ранче за секое прваче и униформи за сите ученици

На свеченоста по повод првиот училишен ден во ООУ “Кузман Јосифовски Питу” директорот на училиштето „Кузман Јосифовски Питу“, Андреја Стојанов во својот пригоднен говор овор им го честиташе почетокот на првачињата и нивните родители.

Градоначалникот на општина „Кисела Вода“, Орце Ѓорѓиевски проговори за активностите кои и годинава ќе се спроведуваат со цел унапредување на наставниот процес. Назначи дека е среќен што во општина Кисела Вода броjот на запишани деца во прво одделение расте и дека како новина, од годинава сите ученици од прво до деветто одделение ќе добијат бесплатни унифицирани училишни униформи.


– Општина Кисела Вода и јас како нејзин градоначалник, секогаш ја потенцираме важноста на образованието и постојано работиме на унапредување на условите во нашите училишта. И оваа година, продолжуваме со успешниот проект “Ранче за секое прваче”, кој лани за првпат стартуваше од Општина Кисела Вода, а го имплементираа и многу други општини кои ја увидоа неговата вредност. Годинава сите 624 ученици запишани во прво одделение од нас, како локална самоуправа добиваат училишен ранец со прибор што значи дека сите тие имаат еднакви можности за почеток на учебната година. Првиот училишен ден треба да биде радост за сите деца и за нивните родители и не смееме да дозволиме тие да бидат оптоварени со финансиски грижи, истакна Ѓорѓиевски.

Дополнително, сакам да промовирам уште еден проект кој ќе стартува од тука, од Општина Кисела Вода. Имено, од оваа учебна година, за околу еден месец, сите ученици од прво до деветто одделение, ќе добијат бесплатни униформи. Ова значи дека во услови на се поголема финансиска криза и се поизразени социоекономски разлики помеѓу нашите граѓани, обезбедуваме можност за време на наставата сите ученици да се чувствуваат удобно во своето опкружување, и нивните мисли, каква и да им е домашата финансиска состојба, да бидат насочени само кон стекнување на што поголеми знаења и пријателства-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.


Инаку летово беа отпочнати, а дел и завршени, голем број на инфраструктурни проекти низ училиштата во општина Кисела Вода. Во завршна фаза е изградбата на трпезарија во ПОУ “Кузман Јосифовски Питу” во Црниче. Во “Кузман Јосифовски Питу” беше обновен подот во една училница. Како што назначи градоначникот Ѓорѓиевски, проектите за подобрување на образованието во општина Кисела Вода ќе се одвиваат со засилена динамика во претстојнииот период.