Препораки до родителите и нивната улога во воспитување на децата

Почитувани родители,

Со оглед на настанатата ситуација, во која некои од вас се во улога на наставници, би сакала да споделам некои размислувања.

Мислам дека улогата на наставници ви се наметна и дека во овие околности ја чувствувате потребата да им помогнете на вашите деца, што сметам дека е сосема коректно. Во таа насока би предложила некои олеснувања:

  1. Научете ги децата самостојно да учат – сега е добар период за тоа. Кога велам самостојно, мислам дека е добро вие да ги насочувате кон задачите и охрабрувате да продолжат да изнаоѓаат нови и нови начини. Не им давајте готови одговори, не ги решавајте задачите за нив.

 

  1. Сега е најважно да ги научиме да мислат. Тоа значи пристап, постапност и одмереност. Кога велам пристап мора да покажете трпеливост и да им дадете на децата доволно време. Доволно е да решат помалку, но да им биде јасно што и како прават. За тоа можете ( откако ќе ги оставите самостојно да работат ) да дискутирате или да им поставувате прашања кои ќе го поттикнат размислувањето. Во насока на тоа не мора заедно со ученикот да организирате учечка атмосфера ( вие во улога на наставник,  детето ученик ).  Додека детето работи на задачата, вие слободно обавувајте ги вашите задачи. Додека детето работи на задачата поставувајте прашања или задача  која ќе го води кон повисоко ниво на размислување. Прашањата можете да ги поставите и во игра, прошетка или заедничко пазарење и т н.

Продолжете постапно и доколку ученикот има потреба од одмор, почитувајте го тоа, а дајте му насоки кога е добро време да продолжите. На децата и 15 мин. им е доволно да се пренасочат кон друга активност за да продолжат со задачата. Добро е да воспоставите дневен распоред на активости ( пр. 20 мин. работа на задачата, 15 мин. раздвижување, 20 мин. работа на задачата,  20 мин. по желба за физичка активност.

Одмереност : На една задача ученикот може да се навраќа повеќе пати во денот , со што  ќе го зголеми нивото на размислување.

Пример: Ученикот има за задача да научи што е проширена реченица.

  • Ученикот може сам да напише дефиниција за проширена реченица, а потоа да ја спореди со дефиницијата од учебникот или од друг извор.
  • Во даден текст ( изворот воопшто не е важен ) помеѓу напишаните реченици да препознае проста и проширена реченица. Тоа може да го направи со поттцртување.
  • Понатака нека ја претвори простата во проширена реченица, додавајќи придавки. Нека ги исече зборовите од реченицата, а и други зборови и нека конструира друга нова. За ова и во неформално организирана атмосфера може да разговарате.
  • Да направи споредба меѓу простата и проширената реченица (сличности и разлики).
  • Да ги спореди двете постапки за претворање на простата во проширена реченица, да ја избере подобрата и да го образложи изборот. Дискутирајте и за ова. Уважете го мислењето на ученикот.
  • Да формулира правило за претворање на простата во проширена реченица. Нека се обидува, секој обид е голема предност за развој на мислењето.

 

  1. Како да поставувате прашања?

Почнете со прашања од затворен тип  ( Пр. Што правело девојчето на почетокот на приказната? ) со едноставни одговори  охрабрете го ученикот, а потоа продолжете со отворени прашања ( Пр. Како ќе го објасниш однесувањето на девојчето во приказната?)

  • Практикувајте во поголема мера да поставувате усмени прашања и да добивате усмени одговори. Потешкотиите во учењето можат да бидат резултат на намалена концентрација или на отсуство на внимание, особено кај помалите деца. Затоа задачите нека бидат помали во однос на обемноста, но истите нека водат кон различни решенија . Бидете трпеливи, почекајте некое време и не го кажувајте одговорот вие, наместо ученикот. Доколку и по предвиденото време не добиете одговор, водете го ученикот со помошни прашања до очекуваниот одговор. Наградете го успехот со пофалба !

 

  1. Давајте повратна информација како награда– таа придонесува за градење на самодовербата кај ученикот и праќа јасна порака дека секој може да напредува.

 

ПРИМЕР НА ПОВРАТНА ИНФОРМАЦИЈА:

  1. Добро ги подреди стапчињата според бои во групи.

 Мислам, требаше да изброиш по колку стапчиња има во секоја група и да запишеш во тетратка. Пробај да го направиш тоа сега.

ИЛИ

  1. Добро ги подреди стапчињата според бои во групи.

Ајде сега  изброј по колку стапчиња има во секоја група и запиши во тетратка. Како мислиш дека ова треба да го направиш? Покажи ми.

ИЛИ

  1. Добро ги подреди стапчињата според бои во групи.

       Како што разговаравме, требаше да изброиш по колку стапчиња има во секоја група и да запишеш во тетратка.

      Ајде да видиме заедно, колку сини стапчиња има? Изброј ги. Запиши сега во тетратка. Колку црвени стапчиња има? Ајде да ги изброиме заедно. Добро е, сега запиши во тетратка. Пробај сега сам/а.

  

ПО ЗАВРШЕНАТА ЗАДАЧА ОХРАБРЕТЕ ГИ УЧЕНИЦИТЕ СО ЗБОРОВИТЕ КАКО НА ПРИМЕР:

Добро си ги претставил сите елементи од задачата.Сега треба да ги најдеш врските и операциите помеѓу нив. Потсети се во учебникот или на примерот кога ги определувавме операциите.

НЕ ПОМАГА ПОВРАТНАТА ИНФОРМАЦИЈА КАКО:

– Многу добро

– Потруди се повеќе

– Нацртај го повторно

– Размислувај логички

 

Родителите можат да се вклучат во процесот на поучување и да продолжат да му помагаат на своето дете.

За учениците кои имаат потешкотии со совладување на некоја задача, потребно е да бидеме уште потрпеливи. Нека ја сработат задачата на начин на кој најдобро можат и колку можат самостојно.

ПРИМЕР: Една од техниките за совладување на читањето е изработка на модели на букви од пластелин, со што ученикот учи да ги препознава и употребува.

  • При моделирањето не ги истакнувајте грешките, туку со помош на прашања ( Дали си задоволен со тоа како изгледа? )  поттикнете ги  самите да ја препознаат разликата.
  • На крајот од моделирањето, на ученикот му се даваат пишани материјали (сликовници, постери, енциклопедии…) каде ги препознава буквите и ја споредува буквата со својот модел.

Секоја од дадените насоки може да се примени за секоја задача и на секоја возраст.

За повозрасните ученици препорачливо е да внесуваат нови информации редовно. Во врска со информациите, направете кратки белешки за се што сте научиле. Може да користите вакви прашања за помош:

  • Што научив, а не сум знаел/а порано?
  • Дали учев на нов начин? Дали направив нешто сосема ново?
  • Дали нешто ме изненади? На пример во врска со информациите што ги учев, нечинот на кој проблемот е истражуван или начинот на кој си реагирал на нешто што се случило?
  • Дали содржината те предизвика? Зошто?
  • Дали стекна некое искуство со кое си задоволен/а
  • Дали наиде на некој проблем? Ако да, како го реши?
  • Доколку се соочиш со истиот проблем дали ќе направиш нешто поинаку?
  • Кои емоции ги предизвика кај тебе учењето на текстот/содржината? Како се чувствуваше?
  • Запиши ги позитивните искуства и потешкотиите од учењето.

 

Психолог Злата Анчевска
ООУ,, Кузман Јосифовски – Питу “
26.04.2020