Учениците од VIII-2 одделение на 30 декамври 2024 година остварија посета на македонското Собрание, носител на законодавната власт и еден од трите столба втемелени во Уставот на Република Македонија.
На воведната сесија учениците се запознаа со основните постулати при градењето на една држава, историското минато на зградата на Собранието низ историјата, значајните датуми од нашето осамостојување како суверена и независна Република Македонија, првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, како се врши изборот на пратеници, формирањето на Влада и изборот на министрите во Владата. По завршување на воведната сесија направивме една фотографија преку која го доловивме чувството на избрани функционери во некој иден владин состав.
Следно и за паметење беше уникатната прилика да бидеме испочитувани и лично од Претедателот на Собранието, г. Африм Гаши. Средбата ја остваривме во претседателскиот кабинет. Знаењето се стекнува преку читање на книги, ова е првото нешто на што сакам да ви укажам, истакна претседателот Гаши. Најважно е во животот да се биде човек пред сè. Само така може да се оди напред кон остварување на личноста, да се допринесува за државата и граѓаните.
По упатените искрени желби за добро здарвје и успеси во новата 2025 година на претседателот Гаши, продолживме во просторијата за давање на изјави, каде се запознавме со сите досегашни претседатели на нашето Собрание, чии портрети стојат на ѕидовите.
Во меѓувреме пристигнаа измени на одредени закони кои требаше да ги разгледаме во прво читање. Седницата само што требаше да започне. Се собравме сите пратеници од нашата пратеничка група VIII-2 одд. и по исцрпената дискусија пред да заминеме од сала Македонија каде ја одржавме пленарната седница направивме една фотографија пред говорницата од каде говорат пратениците заедно со координаторот на нашата пратеничка група, Лилјана Данилов. Материјалите и потсетниците ни останаа за следната седница.
Следеше доделување на највисоки државни награди, па продолживме во Кристална сала за да ги доделиме. Тука се одржуваат и настани со поголем број на учесници. Сè беше подготвено за утрешниот коктел кој го приредува претседателот на Собранието за пратениците и службата. Ги вклучивме новогодишните сијалички на елката и се фотографиравме.
Уставна сала беше нашата следна дестинација. Така е наречена бидејќи во салата е донесен првиот Устав на Република Македонија. Да, и тука како Комисија го разгледавме Законот за основно образование. Донесовме измени на законот со прифаќање на Амандманот со кој побаравме за време на викенд на учениците од основното училиште да не се даваат домашни. Викендот се користи за одмор на улениците, а не за пишување на домашни. Се јавија за збор тројца пратеници од нашата пратеничка група и измените беа донесени еногласно. Законот ќе биде доставен до директорот на училиштето (во улога на претседател на државата) за негово потпишување. Изгласаниот закон пред да биде објавен во Службен весник, треба да се потпише од страна на претседателот на Собранието и претседателот на државата.
Посетата на законодавниот дом ја завршивме со посета на Охридска соба. Тука избраните и именувани функционери од Собранието даваат свечена заклетва пред стапувањето на функцијата на која се избрани или именувани.
Охридска соба е позната по својот уникатен длаборез, во кој се насликани астролошките знаци. Ова претставува единсвен и уникатен пример во целиот свет.
Упатуваме благодарност до претседателот на Собранието, г Африм Гаши за овозможената средба, организаторите за прекрасно поминатиот ден во нашето Собрание и нашиот ментор и класен раководител, Лилјана Данилов.