ВО ЕДЕН ГЛАС

Хуманитарниот концерт со наслов „Во еден глас“  предизвика огромен интерес кај публиката која, треба да се потенцира, беше во преголем број, и ја преполни кино салата на железници. Љубителите на музиката и поддржувачите на нашите млади уметници, имаа можност да ја проследат богатата програмата со која се претставија учениците од хорот и оркестарот на нашето училиште предводени од една и единствена маестро Вера Ангеловска. Концертот го отворија членот на Новинарскиот клуб во улога на водител – Леа Стојков и гостинот Македон Димитровски. Музичката програма  започна со изведба на „Мојата Македонија“ од страна на хорот во придружба на кореографијата изведена од учениците од V – 1 одделение. На самата сцена, пред преполната сала со родители и поканети гости, звукот на хорот, оркестарот и електричните гитари блесна со сите свои ноти. Во еден глас, сите присутни изразија почит и восхит пред магијата на настапот.

Насмеаните и среќи лица се топеа под мелодиите и на нашите солисти. Лана Алексовска со изведба на песната „Ако згрешам нека изгорам“ ги разгори срцата на публиката, а со нејзиниот глас на сите ни даде храброст да препливаме сини мориња и да преодиме големи ридови, но и не потсети дека корабите секогаш се враќаат назад кон татковината. Секој звук од музиката и гласот на вториот солист – Антонела Гроздановска со изведба на „Дафино вино црвено“ ја одслика стихијата на мелодијата и ги прелеа емоциите како вино во срцата на сите присутни. Третиот солист со неговиот глас и движење на сцената ја размрда и разигра публиката – Христијан Ѓуровиќ со избедба на „Ој девојче, девојче“ ни ги омекна срцата како “бело симитче“. По настапот на Христијан, во преполната сала одекна звукот на електричната гитара на Јорго Цаца, со песната „Јовано, Јованке“ – во неговите раце, оваа класична македонска песна се преобрази во нешто сосема ново и воздивнувачко. Звукот од гитарата се испреплетуваше со класичните ноти на песната, креирајќи единствена и неповторлива изведба. Во тој момент, целата сала беше пронесена во магичен свет на звуци и емоции, каде се чувствуваше силниот допир на македонската традиција и современата енергија. Публиката не остана рамнодушна пред прекрасната изведба на „Катерино моме“ од страна на Христина Наумов. Нејзиниот глас, како ангелски звук, ги запленуваше срцата на секој присутен. Со секоја нота, таа го пренесуваше духот и емотивноста на оваа класична македонска песна. Последниот солист Јана Стојановска со изведбата на „Твојте очи Лено“ ја прошета публиката низ воденските, леринските и костурските полиња пеејќи за убавината на Лена.

По настапите на солистите, повторно сцената ја превземаа хорот и окестарот со изведба на песната со која ќе не претстават и ќе се натпреваруваат на Светскиот натпревар во Јесоло, Италија – „Учи ме мајко, карај ме“. Изведбата на оваа песна беше навистина импресивно и емотивно искуство за публиката. Последната точка од настапот на хорот и оркестарот беше дадено ветување пред публиката дека нашите млади уметници ќе го почитуваат културното наследство и љубовта кон Македонија и за неа од срце ќе пеат и достоинствено ќе ја претстават. Изведбата на „Заветна“ беше проследена со громогласен аплаус и извици “Уште, уште, уште“ па така нашата маестрална наставничка Вера по бисот заедно со хорот и електричната гитара на Јорго со песната „Gypsy song“ или позната како „Шутка и Топана“ ја разбуди носталгијата кај публиката која се придружи во изведбата.

Концертот заврши така што наставничката Вера зема збор и се заблагодари од се срце на публиката, градоначалникот на Општина Кисела Вода – Орце Ѓорѓиевски и сите оние кои помогнаа околу организацијата на концертот, а особено кон нашиот директор Андреа Стојанов.