Кога за традицијата и почитувањето се учи непосредно и од најдобрите, тогаш може да сметаме дека сме добиле трајна вредност.
Преку посетата на познатиот Влатко Миладиноски учиме за музиката и традицијата
Пред десетина дена , во најубавиот месец од годината, во рамките на наставните активности (по предметите историја и општество и музичко образование) со учениците од четврто 2 одделение, бевме почестени и имавме незаборавно доживување. Со голема возбуда се реализираше очекуваната средба со Влатко Миладиноски, чија посета претставуваше значајно образовно и културно искуство. Целта на оваа активност беше учениците непосредно да се запознаат со светот на музиката и да ги продлабочат своите знаења за македонската музичка традиција.
Во текот на средбата, Влатко зборуваше за својата богата музичка кариера. Ги запозна учениците за љубовта кон музиката, со своите почетоци, образование, за значењето на музиката во секојдневниот живот и улогата што ја има во зачувувањето на културното наследство. Особено внимание беше посветено на повеќе македонските народни песни, кои учениците ги предложија и ги знаат и нивната вредност како дел од националниот идентитет.
Несекојдневниот настан при музицирањето на тамбура со особен интерес беше проследен и ритмички и вокално поддржан од учениците кои со задоволство ги пееја познатите рефрени, потоа поставуваа одлични прашања и активно учествуваа во разговорот. Преку оваа интерактивна средба тие имаа можност да научат како музиката ги поврзува луѓето, ги пренесува традициите и придонесува за зачувување на културните вредности.
И како што доликува учениците побараа, а Влатко со задоволство им подели автограми и се фотографираше со сите. На самиот крај и нашата Викторија го почести со песна а тој сосема спонтано и неочекувано ја придружуваше.
Оваа посета беше исклучително успешна и поучна. Учениците стекнаа нови знаења, развија поголем интерес кон музичката уметност и ја согледаа важноста на негувањето и почитувањето на македонската традиција. Овој вид активности претставуваат значаен дел од воспитно-образовниот процес и придонесуваат за севкупниот развој на учениците.
Голема благодарност до Влатко Миладиноски
од
Учениците од IV -2 , наставничките Светлана Симоновска и Билјана Младеновиќ

