Хорот и оркестарот на ООУ “Кузман Јосифовски – Питу” настапи на музичкиот фестивал “Претстави ја традицијата” “Мачедоне, Мачедоне”, ечеше во Монтекатини Терме (Италија).

Македонската музичка експедиција блесна на сцената во Монтекатини Терме, Италија.
Диригирани од неуморната наставничка по музичко, Вера Ангеловска, хорот и оркестарот на ООУ “Кузман Јосифовски – Питу”, Скопје, Македонија, настапија на 11 -от Интернационален фестивал на народни песни и ора “Претстави ја својата традиција”.
Претставувајќи дел од македонските обичаи и народни песни, избраниците на Проф. Ангеловска изнудија аплаузи од насобраната публика на централниот плоштад во Монтекатини Терме.
Интересно е што мештаните на овој прекрасен италијански град, како и туристите, не ги криеја симпатиите кон македонската експедиција и за време на парадата која беше составен дел од официјалното отварање, довикуваа “Мачедоне, Мачедоне…”
Во публиката имаше и Македонци од околните италијански градчиња кои специјално беа дојдени во живо да ја слушнат изведбата на “Македонско девојче”  и “Јовано Јованке”, а самата атмосфера направи и да запеат заедно со македонскиот хор.
Се вееше македонското знаме на улиците на Монтекатини како официјален симбол на нашата делегација, но се вееше и во рацете на Македонците во публиката.
Настапот на Македонија на отварањето на овој престижен музички фестивал, ќе остане запаметен и по тоа што официјално сме најбројна група која настапила на досегашните 11-ет фестивали под мотото “Meet the tradition” и единствена група која ја сочинуваат исклучиво ученици од Основно училиште.
Македонскиот хор и оркестар ќе има уште еден настап на овој фестивал, заедно со
другите учесници од Бугарија (четири различни музички групи), две од Литванија, по една од Полска, Турција, Словачка, Израел, Естонија и Ирска.