Интервју со претседателот на училишниот парламент – Петар Димовски

Интервјуери – Кирил Андоновски, Калина Маказлиева, Ања Морски
1.
Која е твојата визија за иднината како претседател на ова училиште?

Како претседател, мојата визија е да го развијам училиштето кон подобро, спроведувајќи потребни проекти, така што би сакал да ги обновам училишниот инвентар, оштетени клупи, столчиња, да ги заменам старите зелени табли со бели и слично. Исто така, би сакал да спроведам различни работилници во училиштето, водејќи до подобар квалитет на образованието и еднакви услови за сите.
2.
Каков е твојот однос и дали имаш соработка со стручната служба, наставниците и директорот?

Имам добра соработка и комуникација со сите од стручната служба, кои напорно работат на решавање на моите потреби и предизвици. Со психологот успеавме да спроведеме неколку работилници за дисциплината во училиштето. Таа е еден од моите главни приоритети.
3.
Дали од кога ја зезема позицијата претседател на училиштето некако се рефлектираше на твојот однос со твоите соученици?

Односот со моите соученици се промени, добивам повеќе почит на различни начини. Имам подобра комуникација со своите соученици, а и со деца со кои што никогаш не сум зборувал порано. Моите соученици очекуваат дека при спроведувањето на моите дејности тие би имале предност, но јас се залагам еднакво за подобро училиште за сите. Моите другари се горди на мојот успех и ја имам нивната цела поддршка. Во никој случај не би ја сменил одлуката да станам претседател на ова училиште.
4.
Каква е вашата соработка со членовите на ученичкиот парламент?

Сметам дека имаме одлична соработка со останатите членови. Добивам значајна поддршка од сите, дури понекогаш добивам впечаток дека тие премногу ме почитуваат. Јас сум претседател на училиштето, но сакам сите да знаат дека јас сум ученик како сите и не сакам тоа да смени било што во нашиот однос. Би рекол дека одлична комуникација имам со претставниците на другите одделенија и дека и со сите нив го имаме посакуваното ниво на соработка.
5.
Во твојот краток период како претседател, каде мислиш дека имаш најголемо влијание? Дали сметаш дека во иднина ќе се остварат твоите приоритетни задачи?

Многу често зборувам за дисциплината, таа е мојот најголем приоритет. Проблемот во врска со дисциплината е што таа не може да се нанесе на секого. Тие што сакаат подобрувања, мора да ми дадат време и да соработуваат. Од друга страна, инвентарот и условите за учениците очекувам да се подобрат од почеток на второто полугодие. Очекувајте брзи промени и подобрување од секој аспект.